ВЕСТИ

Информации за најновите случувања

Известување од летната аикидо школа 2007 во Комижа, Хрватска

 Во организација на Хрватскиот Аикидо Сојуз, на крајот на летово се одржа 8-та Летна аикидо школа под водство на учителот Микеле Кваранта и учителот Симоне Киеркини. 

Plaza

 

8-та ЛЕТНА АИКИДО ШКОЛА во КОМИЖА, ХРВАТСКА

01-07 СЕПТЕМВРИ 2007

Komiza2007 group

Секоја година септември е поврзан со многу почетоци па затоа и со многу обврски. Затоа ова известување задоцни многу, но еве, конечно е тука.

michele smile

Минатата година на Летната аикидо школа во Хрватска беше само еден член од нашиот клуб и по многуте пофални зборови и раскажаните убави впечатоци, оваа година учествуваме со 4 наши аикидоки.

Од вкупно 8, последните две летни школи Хрватскиот Аикидо Сојуз ги направи во гратчето Комижа на островот Вис. Претходните биле правени на различни места, но откако првиот пат искуството во Комижа било повеќе од само пријатно, решиле повеќе да не го менуваат местото.

Комижа е мало рибарско гратче кое, за среќа, низ последниве години не се претворило во ултра модерно летувалиште. Си ги сочувало мирнотијата и интимноста и најважно од се амбиентот на недопрена природа. Впрочем, целиот остров Вис е таков, жителите се занимаваат претежно со риболов и производство на вино и маслиново масло во домашни услови. Веќе насетувате зошто летната школа се „укотви“ овде, нели?

Учителот Квараната оваа година школата ја водеше заедно со својот пријател од Ирската аикидо федерација – Симоне Киеркини (Simone Chierchini) 4.Дан Аикикаи, кој водеше половина од тренинзите. Дневниот распоред беше ваков:

08:00 – 09:00 тренинг со оружје (аикикен – Микеле Кваранта, аикиџо – Симоне Киеркини)
10:30 – 13:00 тренинг во сала (Микеле Кваранта, Симоне Киеркини)

А за ентузијастите имаше и Хоџо тренинг од 07:00 до 08:00.

Simone

Попладнињата беа резервирани за плажа, се разбира. Посебно да пишувам дека уживавме во Јадранот, нема потреба.

Учителот Симоне Киеркини ни претстави убаво класично аикидо со широки движења и врвна прецизност. Неговите часови за аикиџо беа истотака многу поучни – ни покажа 6 куси кати во парови. За жал немаше доволно време да ги совладаме сите 6, па последните две останаа за некоја следна прилика. Ист беше случајот и со аикикен катите кои ни ги покажуваше учителот Кваранта. Три часа (колку што секој од учителите имаше во тие 7 дена) не се доволни за толку многу материја. Но и покрај тоа, сите учесници беа повеќе од задоволни од наученото и од новите искуства на вежбање со нови партнери.

Оваа година имаше, веројатно, рекорден број на застапени земји со учесници на летната школа. Имаше аикидоки од: Ирска, Чешка, Швајцарија, Италија, Германија, Австрија, Словенија, Македонија, Србија и секако Хрватска. Штета што не бевме сместени сите заедно за дружбата да биде поголема. Организаторите ветија дека идната година ќе се погрижат за тоа.

Голем поздрав до сите учесници и учителите, со надеж дека ќе се видиме во некоја следна прилика!

Погледнете ги сликите!